09.09.2023 Скопје
Силен земјотрес го погоди Мароко доцна синоќа, а според прелиминарните податоци на Министерството за внатрешни работи, загинаа најмалку 600 лица, а над 300 се повредени.
Мароканскиот геофизички центар соопшти дека земјотресот се случил во областа Игил во планината Висок Атлас со јачина од 7,2 степени. Американскиот геолошки институт ја процени јачината на земјотресот на 6,8 степени и соопшти дека е на релативно мала длабочина од 18,5 километри.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, соопшти дека Европската Унија е подготвена да го поддржи Мароко по смртоносниот земјотрес кој се случи доцна синоќа.
„Вестите за земјотресот се застрашувачки. Европската унија е подготвена да го поддржи Мароко во овие тешки времиња“, стои во објавата на Мишел.
„Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија и со спасувачите вклучени во операцијата за пребарување“, напиша Мишел на платформата Х.
Подготвено од М.Н.