07.09.2023 Скопје
Европската служба за надворешни работи соопшти дека Европската Унија ги осудува руските напади врз цивили и цивилна инфраструктура во Украина и ја повикува Русија веднаш да престане со својата нехумана и незаконска агресија.
Во соопштението се наведува дека Русија продолжува да го тероризира цивилното население во Украина при што се потсетува дека во вчерашниот „грозоморен и варварски ракетен напад“ на пазар во градот Костјантиновка во регионот Доњецк загинаа најмалку 16 лица, меѓу кои и едно дете, а десетици други беа повредени.
Исто така, Европската служба за надворешни работи посочи дека овој напад доаѓа по ескалацијата на ракетни и беспилотни напади во изминатите месеци низ цела Украина, особено врз цивилни објекти, при што само во последните две недели загинаа или беа повредни над 410 цивили.
Како што наведоа, тоа се надоврзува на секојдневното неселективно руско гранатирање и бомбардирање на позиции во близина на фронтот, што резултира со стотици цивилни жртви, потенцирајќи дека нападите врз цивили претставуваат воени злосторства и дека сите команданти, извршители и соучесници во нив ќе одговараат за овие дела.
Од ЕУ посочуваат и дека Русија ги интензивирала и нападите врз клучните објекти за извоз на украинско жито.
Подготвено од А.Ѓ.