azerbejdzan i ermenija znaminja

20.09.2023 Скопје

Властите на Нагорно Карабах се согласија да го прекинат огнот, објавија руските и ерменските медиуми, повикувајќи се на Карабахскиот информативен центар. Сè уште не е познат одговорот на Азербејџан на оваа постапка, како и дали Баку ќе го запре гранатирањето на Нагорно Карабах, кое започна вчера.

Исто така, раководството на Нагорно Карабах соопшти дека ги сметаат азербејџанските власти за „централни“ во тој регион и дека имаат намера да градат конструктивен дијалог со Баку.

Според властите на непризнатата република, одлуката за еднострано прекинување на огнот била донесена преку рускиот мировен контингент стациониран во Нагорно-Карабах.

„Постигнат е договор за повлекување на преостанатите единици и воен персонал на вооружените сили на Република Ерменија од зоната на распоредување на рускиот мировен контингент и распуштање и целосно разоружување на вооружените формации на одбраната на Нагорно Карабах, како и повлекување на тешка опрема и оружје од територијата на Нагорно-Карабах“, објаснуваат од информативниот центар на Нагорно-Карабах.

Исто така, се наведува дека „прашањата за обезбедување на постоењето на населението во Нагорно-Карабах ќе бидат разгледани на состанокот меѓу претставниците на локалното ерменско население и претставниците на централните власти на Азербејџан, што ќе се одржи на 21 септември 2023 година“.

Да потсетиме, Азербејџан започна „антитерористичка операција“ во Нагорно Карабах. Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев уверува дека ќе ја прекине операцијата доколку ерменската армија го остави оружјето. Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека во Карабах нема формации на ерменската војска.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author