https://www.facebook.com/photo.php?fbid=698360344992355&set=pb.100044551864456.-2207520000.&type=3

26.09.2023 Скопје

Турскиот парламент ќе го исполни ветувањето и ќе ја ратификува кандидатурата на Шведска за НАТО доколку администрацијата на Џо Бајден дозволи продажба на американски авиони Ф-16 на Анкара.

Ова денеска го соопшти претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Говорејќи пред новинарите на враќање од азербејџанската енклава Нахчиван, Ердоган рече дека министерот за надворешни работи Хакан Фидан и американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговарале за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО минатата недела во Њујорк.

Ердоган изјави дека американската администрација ја поврзува продажбата на борбени авиони Ф-16 на Турција со ратификацијата на шведската кандидатура од страна на Анкара.

„Ако тие (САД) ги одржат своите ветувања, нашиот парламент ќе го одржи ветувањето. Турскиот парламент ќе го има последниот збор за членството на Шведска во НАТО“, рече турскиот претседател.

Ердоган најави и дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можел да ја посети Турција во октомври или ноември, додавајќи дека после тоа ќе ја врати посетата.

Нетанјаху и Ердоган за прв пат се сретнаа минатата недела на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, додека двете регионални сили работат на подобрување на долго затегнатите односи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author