https://www.facebook.com/photo.php?fbid=698360344992355&set=pb.100044551864456.-2207520000.&type=3

06.09.2023 Скопје

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема изгледи за постигнување мир во Украина.

„Позицијата на Турција за војната во Украина е недвосмислена. Од првиот ден се залагавме за мир, дијалог и дипломатија. Направивме големи напори да спречиме понатамошно крвопролевање. Не го влошивме проблемот и не долевме масло на огнот“, рече Ердоган.

Тој додаде дека се обидуваат да ги натераат страните да се сретнат.

„За жал, војната што трае година и пол се уште трае. Нема изгледи за постигнување мир“, рече Ердоган.

Тој, исто така, додаде дека Турција ќе продолжи да се обидува да придонесе во процесот на размена на затвореници меѓу Русија и Украина.

„Ќе продолжиме да ја играме улогата на посредник во прашања како што се размената на затвореници и ситуацијата со нуклеарната централа Запорожје. Се надеваме дека оваа војна, која им штети на нашите соседи и на целиот наш регион, ќе заврши со постигнување праведен и траен мир заснован на меѓународното право“, рече турскиот претседател.

Тој рече дека „нема победници во војна и нема губитници во мир“.

„Обновувањето на иницијативата за извоз на жито од Црното Море е приоритетна задача за целиот свет. Ние сме во близок контакт со ОН за ова прашање. Генералното собрание на ОН ќе се одржи овој месец. Ќе имаме средби со Антонио Гутереш, Генералниот секретар на Обединетите нации, при што ќе разговараме и за тие прашања. Ги цениме и поддржуваме напорите на Гутереш“, рече Ердоган.

Тој додаде дека ОН предложиле посреднички механизам за плаќање на руската храна и дека работат на прашањето за осигурување на руските бродови.

Ердоган посочи дека Западот и се заблагодарува на Турција за посредувањето во договорот за храна, но има поинаков став за СВИФТ и осигурувањето на руските бродови.

Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, се сретнаа во понеделникот во Сочи.

Главна тема на средбата беше обновувањето на договорот за извоз на украинско жито.

Конечниот договор не беше постигнат и Путин уште еднаш повтори дека нема да дојде „додека Западот не си ги исполни обврските“, но се чини дека не ја тресна вратата на таканаречената црноморска иницијатива, туку дека има простор за преговорите.

Путин претходно изјави дека Русија е подготвена за разговори за житото. Тој рече дека за да се врати на договорот за жито, очекува Западот да ги исполни своите обврски во однос на рускиот извоз на жито.

Во јули, Русија одби да го продолжи договорот со кој на Украина и се дозволува извоз на жито од пристаништата на Црното Море, повикувајќи се на мислењето на Москва дека западните земји не го исполниле својот дел од договорот и ѝ дозволиле слободно да извезува сопствена земјоделска стока и ѓубрива.

Како што неодамна рекоа од Кремљ, точно е дека официјални санкции за овие производи не постојат, но сите други наметнати ограничувања во форма на логистика и финансии се така дизајнирани што е практично невозможно Русија да ги извезува своите земјоделски производи.

Во првичната Црноморска иницијатива, како што се нарекуваше договорот, Турција и ОН учествуваа како посредници, а главната причина беше што овој договор се смета за клучен за некои од најсиромашните земји во светот, бидејќи житото од Украина оди во Африка, Блискиот Исток и Азија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author