19.09.2023 Скопје
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека и верува на Русија исто колку што има доверба во Западот.
„Колку што е доверлив Западот, толку е и Русија. Во последните 50 години чекаме на прагот на ЕУ и во овој момент и верувам на Русија, исто колку и на Запад“, изјави Ердоган.
Ердоган потсети дека рускиот претседател Владимир Путин ветил дека Русија ќе испрати уште милион тони жито во Африка, а на прашањето дали верува дека Путин ќе го исполни тоа ветување, Ердоган одговори дека нема причина да не му верува.
Зборувајќи за војната во Украина, Ердоган рече дека таа ќе трае уште долго, и дека сака да се надева дека ќе заврши што е можно поскоро.
Одговарајќи на прашањето дали Турција има поголема корист од односите со САД или Русија, турскиот претседател рече дека начинот на кој се занимава со политиката се сведува на воспоставување контакти со државите ширум светот во модел на победа-победа.
„Како што имам добри односи со САД, ќе имам добри односи и со Русија. Ќе продолжам да имам односи со земјите-членки на ЕУ врз основа на истиот пристап меѓу двете страни“, рече Ердоган.
Подготвено од А.Ѓ.