vlada vo germanija

21.09.2023 Скопје

Зелените во Германија повикаа на контрола и стопирање на илегалните баратели на азил, што е само потврда за политиката на екстремната десница, чија популарност во земјата незапирливо расте.

Имено, потпретседателката на Зелените, Рикарда Ланг, чија партија вообичаено е позната по тоа што заговара умерен курс за миграцијата, ги критикуваше клучните функционери на нејзините два коалициски партнери дека „не направиле доволно за да се обезбеди враќање на барателите на азил кои немаат валидна причина да го сторат тоа, во нивните матични земји“. Во исто време, она што најмногу зборува за пресвртот на Зелените, се однесува на мигрантите кои бараат азил во страв од војна во нивната земја. Нивното враќање значи загрозување на нивните животи.

„Владата мора да дејствува за да избегне да доаѓаат се повеќе и повеќе луѓе“, рече Ланг, критикувајќи ја министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, која е од Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц, и специјалниот пратеник на Германија за имиграција, Јоаким Стамп од либералната Слободна демократска партија (ФДП), велејќи дека тие мора „конечно да постигнат напредок во договорите за репатријација“ со земјите кои не се членки на ЕУ за да се олеснат депортациите.

Тоа е одраз на целата атмосфера во Германија, каде што и јавното мислење зема значителен пресврт. Анкетата објавена на 19 септември покажа дека антиимиграциската партија Алтернатива за Германија (AfD) станува најсилната политичка сила во Мекленбург-Западна Померанија, веќе четвртата источна германска покраина, по Бранденбург, Тирингија и Саксонија, каде што екстремната десница води во анкетите. Ова само ја зголемува можноста АфД да ја освои власта на државно ниво за прв пат.

„Таква партија станува посилна кога проблемите не се решаваат“, рече Фридрих Мерц, шеф на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), главната опозициска партија, за дебатата за имиграцијата.

Тој додаде дека градовите и општините во Германија се „безнадежно преплавени“ од зголемениот број баратели на азил.

Овие акции го истакнуваат степенот до кој владејачката коалиција во Германија на СПД, ФДП и Зелените почнува да паничи бидејќи бројот на миграции продолжува да расте – околу 15.100 нелегални премини на границата се регистрирани само во август, што претставува зголемување од 40 проценти во споредба со јули – и се повеќе. Германците се свртуваат кон АфД.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер предупреди дека Германија е „на пресвртна точка“, бидејќи 162.000 луѓе побарале азил во земјата во првата половина од годината. Тоа е повеќе од една третина од сите барања во рамките на Европската унија.

И сето тоа значи многу за АфД, во позитивна смисла. Зашто, од таа партија можат да бидат уште порадикални, без да изгубат ништо. Навистина, AfD порасна и во националните анкети, од 14 отсто на почетокот на годината на 22 отсто во септември, според просекот на националните анкети. Ова ја прави втората најпопуларна партија во земјата по конзервативната алијанса на ЦДУ со Христијанско-социјалната унија, која има поддршка од 27 отсто. СПД на Шолц заостанува со 17 проценти.

Затоа, дојде моментот кога Германија треба да размисли во која насока да оди.

Зелените потфрлија во „праксата“, иако „теоретски“ постојано ги истакнуваа хуманите вредности, човековите права и се што оди со тоа. Но, кога почна да се нарушува удобноста на секојдневието, без проблем се направи пресврт. Ако ништо друго, остатокот од Европа може да научи од германскиот пример и навреме да реагира. Не е доволно да се зборува за нешто и да се дискутира за тоа „од далечина“, потребно е конкретно да се покаже, кога ќе се укаже прилика.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author