https://www.facebook.com/photo.php?fbid=621156819379375&set=pb.100044551864456.-2207520000..&type=3

12.09.2023 Скопје

Не може да има економски коридор без Турција, која е „важен центар на производство и трговија“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на прес-конференција по самитот на Г-20 во Њу Делхи.

Референцата се однесува на иницијативата Индија-Блискиот Исток-Економски коридор (Имец), објавена во сабота, на 9 септември, од саудискиот престолонаследник, Мохамед бин Салман, по потпишаниот меморандум за разбирање со САД.

Турција, всушност, не е вклучена ниту во железничката мрежа што треба да ги поврзува пристаништата од Индија со Блискиот Исток, ниту во поврзаниот систем на поморски патишта, ниту меѓу земјите низ кои треба да минува чисто енергетската транспортна инфраструктура.

„Најпогодната линија за трговија меѓу истокот и западот мора да помине низ Турција“, категорично потенцираше Ердоган.

Турскиот претседател истакна дека на маргините на Г-20 во Њу Делхи се воделе преговори за создавање посебен коридор со земјите од Заливот.

„Разговараме за коридор до Европа што треба да помине низ Ирак, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Турција“, истакна претседателот Ердоган, и додаде дека претседателот на Емиратите, Мохамед бин Зајед, изразил силна желба да ги забрза преговорите и да започне изградбата на овој коридор во следните два месеци.

Подготвено од М.Н.

About Author