zelena kometa nishimura

13.09.2023 Скопје

Сите оние кои сакаат да набљудуваат небесни спектакли ќе имаат единствена можност оваа недела да ја видат кометата Нишимура, која поминува покрај Земјата еднаш на секои 435 години. Зелената комета C/2023 P1 е откриена пред еден месец, а случајно ја забележал јапонскиот аматерски астроном Хидео Нишимура, по кого кометата го добила името.

Денеска кометата е најблиску до Земјата и ќе прелета покрај неа со брзина од 386.242 километри на час, а може да се види веќе на 10 септември, во раните утрински часови, непосредно пред зори.

Најдобро време да се види кометата е непосредно пред зори, помеѓу 04:00 и 06:00 часот наутро, а се наоѓа на североисточниот дел на небото, во близина на Венера, на оддалеченост од 125 милиони километри над нас.

Кометата ќе стане посветла кога ќе се приближи до Сонцето, но ќе потоне пониско на небото, што ќе го отежне гледањето со голо око, па затоа се препорачува двоглед.

Ќе ја достигне најблиската точка до Сонцето (поблиску од Меркур) околу 17 септември пред да го напушти Сончевиот систем, а астрономите мислат дека најверојатно ќе го преживее своето патување околу Сонцето.

Така, оваа недела е вашата последна шанса да ја набљудувате кометата пред да биде засенета од сончевиот сјај. Ако го преживее своето патување околу Сонцето, би требало да биде видлива на јужната хемисфера до крајот на септември, ниско на хоризонтот во вечерниот самрак.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author