https://www.flickr.com/photos/nato/43344280061

05.09.2023 Скопје

Еди Рама, премиерот на Албанија, разреши шест министри и предложи нивни замени, со радикална промена на кабинетот на албанската влада.

Рама во својот говор на седницата на Социјалистичкото Собрание истакна дека „не е должен на ниту еден од функционерите на социјалистите кои влегуваат во проблеми со правдата“, и дека никој од нив не треба да се крие зад знамето на партијата што ја води.

Албанскиот премиер Рама ја разреши министерката за надворешни работи Олта Ксака и предложи на нејзино место да биде именуван Игли Хасани, поранешниот амбасадор на Албанија во мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена. Ксака заминува во време кога Албанија штотуку го презеде претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).

Разрешена е и министерката за земјоделство Фрида Крифца. На нејзино место ќе дојде Анила Денај, која претходно беше дел од владиниот кабинет како министер за економија и финансии.

Делина Ибрахимај повеќе нема да биде министер за финансии и економија, бидејќи е именувана за државен министер за претприемништво, наместо разрешената Едона Билал. Со Министерството за финансии и економија ќе раководи Ервин Мете, кој претходно беше заменик министер за финансии, а во моментов е и раководител на Дирекцијата за финансиска супервизија.

Министерката за образование Евис Куши пред почетокот на новата учебна година беше разрешена од должноста и на негово место дојде Огерта Манастирлиу. Во меѓувреме, местото кое таа го остави празно на чело на Министерството за здравство го зазема Албана Кочиу, моментално директорка на Секторот за јавна администрација.

Рама одлучи да го спои Министерството за стандарди и услуги, со кое раководеше Милва Економи, во ново министерство – државно министерство за односи со локалната самоуправа, со кое ќе раководи Арбјан Мазнику, моментално заменик градоначалник на Тирана.

Премиерот рече дека „главната битка на Социјалистичката партија“ е европска Албанија.

Рама на 8 јули го разреши министерот за внатрешни работи Бледи Ќучи и на негово место го назначи Таулан Бала. Овие измени ги најави на неформален состанок на Владата во август. Потоа рече дека ќе има самореформа на Социјалистичката партија и владата што таа ја предводи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author