https://l.facebook.com/l.php?u=https%3A%2F%2Fwww.instagram.com%2Fp%2FCTj98YDMDuv%2F%3Figshid%3DYmMyMTA2M2Y%253D%26fbclid%3DIwAR0o58VUFNPsket1ff7fndNzp9hWLBSsmdYZ4EEufXEWEmj8IUMAZAOt5nA&h=AT1Rr7hYyrAiprrUoVWNWIijo5VtgcncUphCUVOvmsVWsrasxAZKmLtxC1qs7-0IHKQtb7WQ9FHG3ljhyLYf6LpiJ6-uE_VJF1vXE_W1S5nXnXKBYvn33FInzqUHrWocJPbZ

02.09.2023 Скопје

Државата ќе се соочи со дефицит на метеоролози бидејќи во изминатите две години на студиите по метеорологија студираат само тројца студенти, а во наредните пет години во Управата за хидрометеоролошки голем број од вработените ќе го остварат правото за пензија.

Ограничените вработувања, искуствата од претходните генерации дипломирани метеоролози кои сѐ уште чекаат вработување, недостатокот на стипендирање и неатрактивните студии со мали месечни приходи се само дел зошто младите сѐ поретко избираат да студираат метеорологија.

„Во наредните три до четири години државата ќе остане со само неколку дипломирани метеоролози. Ако не се вработат оние кои долго чекаат вработување и со љубов завршиле метеорологија, ситуацијата ќе биде драматично влошена. Во меѓувреме, ако не се преземат чекори за едукација на нови високо образовни кадри, како и специјални среднообразовани кадри за потребите на оперативната метеорологија неопходни за функционирање на хидрометеоролошкиот набљудувачки систем, ситуацијата на среднорочен и долгорочен план ќе постане алармантна“, вели д-р Владо Спиридонов, редовен професор по метеорологија на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Д-р Спиридонов додаде дека Институтот за физика при ПМФ отсекогаш давал поддршка за развојот на метеорологијата и дека од 2022/23 година студентите можат да студираат според новата студиска програма за I циклус студии по геофизика-метеорологија или пак да се запишат на некоја од останатите програми (теориска, наставна, применета, медицинска или астрономија).

Според него, младите не гледаат перспектива бидејќи сметаат дека се ограничени вработувањата во само мал број институции, првенствено Управата за хидрометеоролошки работи, Центарот за управување со кризи, Метео службата на Аеродромот во Скопје и во медиумите.

Како дел од причините ги наведува и искуствата од претходните генерации дипломирани метеоролози кои чекаат вработување, и по неколку години, а се принудени да работат на други струки.

Како пример колку е актуелна метеорологијата, Спиридонов ја посочува Австрија.

„Додека бев визитинг професор по метеорологија на Универзитетот во Виена 2017-2019 година, имав 33 студенти на мастер и 18 студенти по метеорологија на додипломски студии и 16 студенти на интердисциплинарни студии кои земаа метеорологија кај мене“, вели Спиридонов.

Доколку има иницијатива за поддршка и стимулација на уписот на студенти на овој тип на студии, од МОН ќе ја разгледаат.

На прашањето дали планираат да преземат нешто за да ги актуелизираат студиите по метеорологија со цел зачувување на кадарот во струката, од МОН одговорија дека досега не е пристигната иницијатива за поддршка и стимулација на уписот на студенти на овој тип на студии, но, доколку биде доставена, како што наведоа, истата ќе биде разгледана и ќе се донесе соодветна одлука.

Според податоците од Институтот за физика, кои ни ги сподели професорот Спиридонов, во изминатите три академски години на студиите по метеорологија при ПМФ се запишал само еден кандидат и дипломирал и магистрирал, исто така, по еден студент. Во моментов, метеорологија студираат само тројца студенти.

Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека доколку овој тренд продолжи во иднина, може да се појави дефицит на стручен кадар-метеоролози, имајќи предвид дека во наредните пет години голем број од вработените метеоролози ќе го остварат правото за пензија.

Сегашната кадровска состојба ги задоволува потребите за непречено извршување на тековните задачи на Управата, велат од УХМР, од каде се надеваат дека ќе се зголеми интересот за студирање на метеорологија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author