https://www.facebook.com/photo.php?fbid=717950593029187&set=pb.100044427579784.-2207520000.&type=3

07.09.2023 Скопје

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата достави и официјално барање до претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои на 6 септември 2023 година ги усвои Собранието.

Платформата нагласува дека има две причини зошто претседателот Пендаровски има должност да го искористи ветото.

Првата причина, се вели во соопштението од Платформата, е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со: застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил; ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција; и ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда.

Втората причина, посочуваат од платформата, е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *