26.09.2023 Скопје
Италија усвои мерки вредни околу 1,3 милијарди евра за да им помогне на семејствата да се справат со трошоците за енергија во последниот квартал од оваа година.
Меѓу другото, Владата планира да ја продолжи пониската даночна стапка на промет од пет проценти за снабдување со гас во кварталот од октомври до крајот на декември, со што домаќинствата ќе заштедат 629 милиони евра.
Дополнителни 100 милиони евра ќе одат за помош на сиромашните да платат гориво, стои во предлог уредбата што беше усвоена на седница на Владата.
Издвојувањата на Италија за помош на семејствата да се справат со зголемените трошоци се во спротивност со притисокот од Европската централна банка врз сите земји од еврозоната да го забрзаат постепеното укинување на политиката за обезбедување директна финансиска поддршка за населението, која е во сила уште од Ковид-19 пандемија во 2020 година, додека ЕЦБ се бори да ја победи инфлацијата.
Цените на енергијата почнаа повторно да растат во последните неколку недели.
Подготвено од А.Ѓ.