14.09.2023 Скопје
Хонг Конг денеска ги затвори училиштата откако властите објавија црвен аларм поради обилни врнежи и можни големи поплави, само неколку дена откако градот беше погоден од најсилниот дожд во последните 140 години.
Градската метеоролошка агенција издаде „црвено“ предупредување, второ најсилно, пред 6 часот по локално време, наведувајќи дека за еден час врнело повеќе од 50 милиметри, истакнувајќи дека врнежите најверојатно ќе продолжат.
Берзата во Хонг Конг ќе остане отворена доколку не биде во сила највисокото, „црно“ метео предупредување.
Силниот дожд доаѓа во време кога Специјалниот административен регион на Кина сè уште се опоравува од обилните дождови поврзани со тајфунот Хаикуи што го зафати регионот во последните денови.
Многу области имаат и продолжуваат да имаат висок ризик од лизгање на земјиштето по невообичаено влажно време.
Големо количество вода ги поплави тесните улици, трговските центри, станиците на подземната железница и тунелите во Хонг Конг минатата недела, при што во невремето загинаа две лица, а 144 беа повредени.
Подготвено од А.Ѓ.