19.09.2023 Скопје
По скандалот „тунел“, Црна Гора ќе побара формирање заеднички истражен тим со соседните земји што ќе овозможи полесна размена на податоци кога е во прашање борбата против организираниот криминал.
За да заживее ваквата иницијатива потребна е согласност од државното обвинителство бидејќи по закон на чело на заедничките истражни тимови е обвинителот.
Вршителот на должноста директор на полициската управа, Никола Терзиќ, во Белград разговараше со претставници на Министерството за внатрешни работи на Србија, но, како што е наведено, заедничкиот истражен тим нема да биде составен само од црногорски и српски истражители, туку би можел да вклучи и претставници на други земји во регионот, како што се БиХ и Албанија.
Тој тим би се занимавал со општиот проблем со организираниот криминал на Балканот и заедничките истраги, но и со најактуелниот случај во Црна Гора, копање тунел од стан во улицата Његошева до депото на Вишиот суд во Подгорица.
Тунелот е откриен на 11 септември во Подгорица, а се шпекулира дека мотивите за ваквиот злосторнички потфат се кражба и компромитирање на докази, бегство на еден од затворениците или можеби дури и физички напад.
Форензичарите ги отстранија трагите од станот каде што почна копањето, а се очекува во наредните денови да бидат познати повеќе информации за сторителите на ова кривично дело.
Подготвено од А.Ѓ.