13.09.2023 Скопје
На светско ниво во август е забележан пад на цените на прехранбените производи.
Според податоците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), зголемувањето на залихите влијаело на падот на цените. Така, во август, светскиот индекс на цените во просек изнесуваше 121,4 поени, што е за 2,1 отсто помалку од јули и за 24 отсто помалку од рекордот постигнат во март 2022 година.
Од организацијата соопштија дека во август цените на растителните масла се имаат намалено за 3,1 отсто. Светските цени на сончогледовото масло бележат пад за речиси осум отсто, а паднаа и цените на сојата и палминото масло.
Според податоците на Организацијата, вредностите на индексот на цените на житарките се намалени за 0,7 отсто во однос на јули, а од друга страна е забележан пораст на цените на шеќерот и оризот. Пад на цените бележат и млечните производи, како и месото, чии цени се пониски за три отсто.
Подготвено од А.Ѓ.