evropska unija pomos ukraina

15.09.2023 Скопје

Корупцискиот скандал „Катаргејт“ во декември минатата година сериозно го наруши угледот и интегритетот на Европскиот парламент.

Оттогаш, пратениците се обидуваат да ја ограничат штетата и подобро да ја заштитат демократијата од корупција.

Заменик-шефот на парламентарната група на социјалдемократите, Габи Бишоф, изјави дека ова бара и воведување нови правила.

„Транспарентноста е предуслов за демократија. Затоа многу граѓани со право бараат повеќе. Мојот извештај за промена на деловникот предлага нови правила, а тоа се однесува на начинот на кој работиме во овој дом“, рече Бишоф.

Во текот на изминатите шест месеци, оваа пратеничка од Берлин одигра водечка улога во преточувањето во конкретни правила на рамковниот план од 14 точки на претседателката на парламентот Роберта Мецола. Ова треба да донесе поголем степен на транспарентност и интегритет на Европскиот парламент.

Една од целите е: „Ќе создадеме целосна транспарентност кога станува збор за споредните работни места ако пратениците заработуваат повеќе од 5.000 евра годишно. Сметаме дека да се биде член на Европскиот парламент не е работа со скратено работно време. И секој кој има друг извор на приход во иднина мора транспарентно да го објави – во вкупен годишен износ“.

Затоа, треба да се зајакне дефиницијата за „конфликт на интереси“. Покрај финансиските, има и приватни интереси, на пример во врска со семејните врски.

Задолжителните декларации за судир на интереси мора да се направат однапред, особено ако пратеникот претендира на одредена позиција во Парламентот, на пример да стане потпретседател или претседател на комисија.

Во иднина треба да има документација за тоа како засегнатите страни биле вклучени во законодавниот процес. Ова треба да биде поткрепено со целосна документација на сите состаноци на пратениците уште од самиот почеток.

За пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП), пак, тоа е премногу. Затоа поднесе неколку амандмани.

„Слободата на мандатот ни е многу важна. Со други зборови, граѓаните имаат право нивниот претставник да може слободно да работи. Ева Каили воопшто“, рече Даниел Каспари, шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Европскиот парламент.

„Новите правила се конкретен одговор на случајот со Ева Каили, поранешна потпретседателка на Европскиот парламент и член на пратеничката група на социјалдемократите“, одговара Бишоф.

„Детално ги анализиравме слабите точки. Состаноците со претставници на трети земји претходно не мораа да бидат транспарентни. Тоа е она што ќе треба да го направиме сега. Тоа навистина ја затвора слабата точка“, рече Бишоф.

Но, загриженоста на Каспари е многу подлабока.

„Доколку, на пример, во иднина треба да го информираме претседателот на парламентот за чувствителни средби со активисти за човекови права и неистомисленици, загрижени сме дека тоа ќе биде евидентирано во електронските системи. Сами знаете колку време Русија го хакира Германски Бундестаг. Ако ние пратениците треба да ги откриеме нашите извори ќе бидеме во голема неволја“, вели Каспари.

Тој нагласува дека многу пратеници би сакале да имаат повеќе време да се консултираат за вакви суштински промени на правилата.

Од друга страна, за многумина сето она што беше најавено не се случува доволно брзо, ниту доволно длабоко.

„Немаме што да криеме и мораме да ја вратиме довербата. Затоа е добро да покажеме какви дополнителни приходи остваруваме, какви состаноци одржуваме и како трошиме пари, бидејќи, повторувам, немаме што да криеме“, вели Демијан Безлагер, член на Зелените во Европскиот парламент.

„Транспарентноста не е во спротивност со слободата на мандатот. На крајот на краиштата, зошто луѓето воопшто да ги почитуваат законите ако немаат доверба во процесот со кој се направени“, прашува Безлагер.

Во секој случај, оваа расправа во Собранието фрли повеќе светлина врз амбицијата со која околу 700 пратеници сакаат да внесат поголема транспарентност во едно од најтемните поглавја во Европскиот парламент.

Аферата „Катаргејт“ започна во декември минатата година, кога властите обвинија четири лица поврзани со Европскиот парламент во белгиската престолнина Брисел, поради наводите дека Катар ги опсипал со готовина и подароци за да влијае на одлучувањето.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author