14.09.2023 Скопје
Високиот комесар за надворешни работи и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел, на социјалната мрежа X, истакна дека е време сериозно да се почне со примена на Договорот на патот кон нормализација, посакувајќи им добредојде на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел за најновите разговори во рамките на дијалогот што го води ЕУ.
Челниците на Европската Унија ги повикаа лидерите на Србија и на Косово во Брисел да преземат одговорност и да го имплементираат Договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Борел истакна дека допрва треба да почнат да го применуваат договорот што Вучиќ и Курти го постигнаа во март, потенцирајќи дека останува да се види дали се подготвени да преземат одговорност.
Договорот постигнат со посредство на ЕУ подразбира, меѓу другото, признавање на Косово од страна на Србија како независна држава, што високите српски претставници набрзо потоа го отфрлија.
Започнат во 2011 година, дијалогот меѓу Белград и Приштина под водство на ЕУ има цел да ги нормализира односите меѓу Србија и Косово и да изнајде заемно прифатливо решение за споровите во рамките на правно обврзувачки договор.
Подготвено од А.Ѓ.