11.09.2023 Скопје
Европската унија остро го осудува одржувањето на „нелегитимни избори“ во Автономната Република Крим и градот Севастопол, како и во делови од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон во Украина, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, во врска со регионалните и локалните избори кои Русија ги распиша од 8 до 10 септември.
„Ние силно го отфрламе овој натамошен залуден обид на Русија да ја легитимира или нормализира својата нелегална воена контрола и обидот за анексија на делови од украинските територии“, објасни Борел, потсетувајќи на осудата во резолуцијата на Генералното собрание на ОН усвоена на 12 октомври 2022 година.
Борел истакна дека ова е уште една бесрамна одлука, односно кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации, како и на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Европската унија не го признава и нема да го признае ниту одржувањето на овие таканаречени избори, ниту нивните резултати, додаде Борел.
Нелегалните избори во Украина, се одржаа во контекст на присилното и незаконското доделување пасоши од страна на Русија, вклучително и на деца, присилни трансфери и депортации, широко распространети прекршувања и злоупотреби и систематски прашања за човековите права, како и заплашување и зголемена репресија врз украинските граѓани од страна на Русија и нејзините нелегитимно назначени власти на привремено окупираните територии на Украина.
Европската унија го осудува континуираниот притисок врз независната група за набљудување избори Голос, вклучително и притворањето на нејзиниот копретседавач Григориј Мелкоњанц, и ја повикува Русија да обезбеди продолжување на набљудувањето на изборите во Русија, вклучително и од ОБСЕ.
Европската унија ја повика Русија да ги почитува нејзините меѓународни обврски за човековите права и основните слободи и да го укине своето репресивно законодавство.
Подготвено од М.Н.