06.09.2023 Скопје
За време на посетата на Киев, американскиот државен секретар Антони Блинкен ќе објави нова помош за Украина во вредност од една милијарда долари.
Блинкен, утринава пристигна во Киев по ноќното патување со воз од Полска. Тоа е негова трета посета на украинскиот главен град од почетокот на конфликтот.
Посетата на Блинкен е можност за Соединетите Американски Држави и Украина да ги усогласат своите позиции пред Генералното собрание на Обединетите нации (UNGA) кон крајот на овој месец, изјави висок функционер од Стејт департментот.
Украинците имаат важна мисија во Њујорк, да продолжат да им објаснуваат на своите сојузници и партнери ширум светот што се случува и да ја повторат нивната континуирана потреба за поддршка, а за нас е важно да продолжиме да ги водиме глобалните напори за нивна поддршка, соопшти официјалниот претставник.
Посетата доаѓа помалку од еден месец откако американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот повеќе од 24 милијарди долари за да и помогне на Украина да ја победи Русија во нејзината тековна војна.
Подготвено од М.Н.