bajden modi sredba

09.09.2023 Скопје

Американскиот претседател Џо Бајден се сретна со индискиот премиер Нарендра Моди во Њу Делхи.

Лидерите во заедничката изјава, го потврдија билатералното партнерство, пофалувајќи го досегашниот напредок во спроведувањето на целите за соработка утврдени за време на посетата на Моди на Вашингтон во јуни.

Двајцата ја подвлекоа потребата да се продолжи со работа за „трансформирање на стратешкото партнерство меѓу Индија и Соединетите Држави во секој аспект, врз основа на доверба и взаемно почитување“, повторувајќи дека принципите на слобода, демократија и вклученост се од клучно значење за зајакнување на меѓусебните односи.

Лидерите, исто така, ја повторија важноста на Quad форматот (Соединетите Американски Држави, Австралија, Индија и Јапонија) за да се обезбеди стабилност во индо-пацифичкиот регион, пред самитот на лидерите што ќе се одржи во Индија во 2024 година.

Бајден, исто така, ја потврди својата поддршка за реформа на Советот за безбедност на Обединетите нации, за да се вклучи и Индија како постојана членка.

Бајден и Моди ја повторија потребата да се обезбеди сигурност, пристапност и издржливост на сегашните технолошки екосистеми и синџири на снабдување. На овој план, двајцата лидери позитивно го оценија напредокот кон формирање на заедничка работна група за вселенска соработка, особено на комерцијална страна.

Премиерот Моди и претседателот Бајден ветија дека дополнително ќе ја унапредуваат координацијата меѓу двете земји на владино, индустриско и академско ниво, за да ги постигнат амбициозните цели на стратешкото партнерство меѓу Вашингтон и Њу Делхи.

Подготвено од М.Н.

About Author