armija sad niger

14.09.2023 Скопје

Американската војска ги продолжи операциите во Нигер, повеќе од еден месец откако државниот удар на 26 јули ги принуди нејзините беспилотни летала и други авиони да се приземјат.

Обновувањето на операциите го соопшти командантот на воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави во Европа, генерал Џејмс Хекер.

Од јулскиот државен удар со кој беше соборен претседателот Мохамед Базум, околу 1.100 американски војници распоредени во Нигер се ограничени на нивните воени бази.

Некое време немаше никакви мисии во базите, бидејќи новата власт во основа ги затворија аеродромите, изјави Хекер, говорејќи на годишната конвенција на Здружението на воздушни и вселенски сили Маргиен.

Пентагон минатата недела соопшти дека некои американски сили биле преместени од воздухопловната база 101, која се наоѓа во близина на главниот град Ниамеј во друга база, односно на аеродромот 201, во Агадез.

Во последниве години, Соединетите Американски Држави го направија Нигер примарна регионална база за своите патроли, поставувајќи вооружени беспилотни летала во земјата и координирајќи ги операциите од тука против џихадистичките групи кои освоија територии во регионот.

Според податоците на Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS), во првите шест месеци од оваа година Западна Африка забележала повеќе од 1.800 вооружени напади, во кои биле убиени речиси 4.600 луѓе.

Франција, солиден сојузник на соборениот претседател Базум, има околу 1.500 војници во Нигер, од кои повеќето беа префрлени овде од Мали, а делумно од Буркина Фасо по повлекувањето што го побараа воените хунти кои исто така дојдоа на власт во двете соседни земји.

Од државниот удар, Париз ја повтори својата поддршка за Базум и го отфрли авторитетот на војската предводена од генералот Омар Тчиани. Гласините потврдени од француското МНР зборуваат за претстојно намалување на француските сили во Нигер, особено во однос на ресурсите на беспилотни летала и воздушни разузнавачки информации, со веројатно повлекување на дел од воените сили.

Подготвено од М.Н.

About Author