19.09.2023 Скопје
Европскиот совет соопшти дека активностите на властите во Приштина, вклучително и конфискација на земјиште во северно Косово, наредби за иселување, телекомуникации и употреба на специјални полициски сили за должности на полицијата во заедницата, не се во согласност со владеењето на правото и може да придонесат за понатамошна ескалација на тензиите.
Во соопштението, објавено по средбата во рамките на дијалогот Белград-Приштина одржана во четврток, на 14 септември, се наведува дека континуираните напади од криминални групи и заплашувањето на новорегрутирани српски кадети и локалното население се неприфатливи и мора веднаш да се прекинат.
Европскиот совет ја истакна важноста од одржување предвремени локални избори во северно Косово за да се помогне во намалувањето на тензиите.
„Потребно е најбрзо решение кое би овозможило распишување избори. Ги охрабруваме Србите на Космет целосно да учествуваат во изборниот процес и јавно да го објават своето безусловно учество“, се наведува во соопштението.
Брисел ги повика сите политички актери, на сите нивоа на власта во Белград и Приштина, конструктивно да се вклучат во процесот што ќе овозможи избори, да избегнат понатамошни чекори кои водат кон ескалација и да го поддржат напредокот во дијалогот со посредство на Унијата.
ЕУ изрази загриженост поради недоволното спроведување на Договорот за патот кон нормализација и Анексот за имплементација, за кои страните се согласија на почетокот на годинава.
Брисел ги повика Белград и Приштина да се ангажираат на конструктивен начин и со добра волја, што значи дека без одлагање треба да започне имплементацијата на претходно постигнатите договори.
„ЕУ ги потсетува страните на нивната одговорност да ја почитуваат доверливоста во дијалогот, што е клучна компонента на секој чувствителен политички преговарачки процес“, се наведува во соопштението.
Брисел изрази загриженост за недостатокот на напредок во деескалацијата на тензиите на северот на Косово, истакнувајќи дека ситуацијата и понатаму е напната, и покрај повиците од ЕУ и меѓународните партнери за деескалација, и дека досегашните чекори не се доволни.
Во соопштението се додава дека ЕУ целосно го поддржува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во својство на функционер кој го олеснува дијалогот Белград-Приштина, како и на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.
Подготвено од А.Ѓ.