01.08.2023 Скопје
Со прогласувањето на најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва и ансамбли, вчеравечер во Битола заврши 53. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Жири комисијата во состав: д-р Владимир Јаневски, д-р Родна Величковска, д-р Мирјана Мирчевска, д-р Беким Рамадани и м-р Кристијан Николовски ги награди најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва и ансамбли што настапија на фестивалот, чувар на македонската традиција и фолклор.
КУД „Весели пензионери“ од Пробиштип беа прогласени за најуспешна група што презентираше традиционална музика и игра.
За најуспешна група што презентираше староградска музика и игра беше прогласена вокално инструменталниот ансамбл „Распеани струмичани“ од Струмица.
Во соло инструментална изведба за најуспешен беше прогласен Теодор Грујовски, инструменталист на гајда на ансамблот „Гоце Делчев“ од Битола.
За најуспешен инструментален состав, жири комисијата го прогласи оркестарот на КУД „Осми октомври“ од Крива Паланка.
Ансамбл со најкомплетна изворна носија беше прогласена КУД „Русалии“ од Секирник.
Директорката на Центарот за култура Битола Маја Андоновска Илијевски рече дека фестивалот „Илинденски денови“ е еден од најголемите амбасадори на културата во светот.
„Фестивалот „Илинденски денови“ е симбол на инклузивност, заедница и рушење на бариерите. Овој фестивал служи како доказ за богатството и издржливоста на нашето културно наследство, потсетувајќи не дека и покрај одминувањето на времето, нашите традиции продолжуваат да не инспирираат, едуцираат и маѓепсуваат со својата уникатност. Фестивалот течеше интензивно и посакував да не заврши.Битола ја обоивме во боите на Македонија, Италија, Ирска, Мексико. Чиле, Хрватска, Србија, Бугарија. Во 13 фестивалски денови имавме над 60 настани, но зад овој фестивал стои една машинерија од луѓе коишто деноноќно работеа за да биде фестивалот без грешка и сите заедно испишавме убава историја за Битола“, изјави директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илијевски вчеравечер на затворањето на фестивалот „Илинденски денови“.
Фестивалот „Илинденски денови“ од востанувањето, па до денес е отворен круг во кој се презентираат, афирмираат и живеат домашните и светските културни идентитети низ живото пулсирање на чистата традиција.
Фестивалот се одржа во рамките на Битолското културно лето, а покровителот на Битфест, градоначалникот Тони Коњановски рече дека фестивалот „Илинденски денови“ е една фолклорна прошетка низ светот, размена на искуства, вреднување на вистинските културни вредности и традиции.
Годинава низ повеќе од 60 содржини и манифестации, фестивалот го разиграа преку 1.200 учесници од Чиле, Мексико, Грузија, Ирска, Италија, Хрватска, Србија, Бугарија, како и од Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.