31.08.2023 Скопје
Група високи габонски воени офицери вчера наутро објавија на националната телевизија дека ја презеле власта, само неколку минути откако беше објавено дека претседателот Али Бонго Ондимба, чие семејство е на власт 55 години, доби трет мандат.
Дванаесет војници на телевизискиот канал Габон 24 изјавија дека ги претставуваат сите безбедносни и одбранбени сили во оваа централноафриканска земја, дека изборите се поништени, државните институции се распуштени и сите граници се затворени до понатамошно известување.
„Во име на народот на Габон… решивме да го браниме мирот ставајќи крај на сегашниот режим… на неодговорното, непредвидливо владеење што резултира со континуирано влошување на социјалната кохезија и ризикува да ја доведе земјата во хаос“, рекоа тие во обраќањето. Тие додадоа дека Али Бонго е во домашен притвор во друштво на семејството и лекарите. Еден од синовите на претседателот е уапсен за „предавство“, се наведува во соопштението.
Пучот во Габон е осми државен удар од 2020 година во Западна и Централна Африка, а другите се случуваат во Нигер, Буркина Фасо, Гвинеја, Чад и Мали.
Во јули 2023 година, членовите на претседателската гарда на Нигер го приведоа претседателот Мухамед Базум во неговата палата и објавија на националната телевизија дека ја преземаат власта за да се стави крај на „влошувањето на безбедносната ситуација“ и да се запре „лошото владеење“.
Неколку дена подоцна, хунтата го прогласи шефот на претседателската гарда Абдурахман Тиани за нов шеф на државата.
Пучот предизвика загриженост за безбедноста во регионот каде Нигер беше клучен сојузник на западните сили, обидувајќи се да ги ограничи бунтовите на милитантите поврзани со Ал Каеда и Исламската држава.
Главниот западноафрикански блок ECOWAS се обидува да преговара со водачите на пучот, но исто така вели дека е подготвен да испрати војници во Нигер за да го врати уставниот поредок, доколку дипломатските напори не успеат.
Нигер ги овласти вооружените сили на Мали и Буркина Фасо да интервенираат на нејзина територија во случај на напад.
Во јануари 2022 година, војската на Буркина Фасо го собори претседателот Рош Каборе, обвинувајќи го дека не успеал да ги заузда исламистичките милитанти.
Водачот на државниот удар, потполковник Пол Хенри Дамиба вети дека ќе ја врати безбедноста, но нападите се влошија, нарушувајќи го моралот кај војниците и доведоа до уште еден државен удар во септември 2022 година, кога сегашниот водач на хунтата Ибрахим Траоре ја презеде власта.
Во септември 2021 година во Гвинеја, командантот на специјалните сили полковник Мамади Думбуја го собори претседателот Алф Конде.
Една година претходно, Конде го промени Уставот за да може да се кандидира за трет мандат, што доведе до немири.
Думбуја стана привремен претседател и вети транзиција кон демократски избори во рок од три години.
ECOWAS ја отфрли таа временска рамка и воведе санкции за хунтата и нивните роднини, вклучително и замрзнување банкарски сметки.
Воениот режим предложи 24-месечна транзиција во јануари 2023 година, но опозициските партии тврдат дека малку е направено за да се врати уставниот поредок.
Во април 2021 година, војската ја презеде власта во Чад откако претседателот Идрис Деби беше убиен на бојното поле додека ги посетуваше трупите кои се борат против бунтовниците на северот на земјата.
Според тамошниот закон, претседателот на Собранието требаше да добие претседателски овластувања. Воениот совет, сепак, го распушти парламентот наведувајќи дека тоа е направено од безбедносни причини.
Синот на Деби, генералот Махамат Идрис Деби, беше именуван за привремен претседател и има задача да ја надгледува 18-месечната транзиција кон изборите. Неуставниот трансфер на власта доведе до немири во главниот град Нџамен, кои армијата ги задуши.
Во август 2020 година, група полковници од Мали предводена од Асими Гота го соборија претседателот Ибрахим Бубакар Кеита. Пучот се случи по антивладините протести поради влошена безбедност, спорни избори и корупција.
Под притисок на нејзините западноафрикански соседи, хунтата се согласи да ја отстапи власта на привремената влада предводена од цивили, чија задача е да ја надгледува 18-месечната транзиција кон демократски избори што треба да се одржат во февруари 2022 година.
Сепак, водачите на пучот се судрија со привремениот претседател, пензионираниот полковник Бах Ндава, што доведе до втор државен удар во мај 2021 година. Гота, кој беше привремен потпретседател, тогаш беше назначен за претседател.
ECOWAS укина дел од санкциите за Мали откако воените власти предложија двегодишна транзиција кон демократија и најавија нов изборен закон. Претседателските избори треба да се одржат во февруари 2024 година.
Подготвено од А.Ѓ.