04.08.2023 Скопје
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција во Бања Лука изјави дека Република Србија го почитува територијалниот интегритет на БиХ и очекува таа земја да го почитува територијалниот интегритет на Србија во согласност со Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право.
„Тоа не беше случај на гласањето во Советот на Европа, па затоа побаравме од нашите пријатели од Босна и Херцеговина да покажат почит кон територијалниот интегритет на Србија на ист начин како што ние покажуваме почит кон територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“, изјави Вучиќ.
Тој му се заблагодари на Милорад Додик, претседателот на Република Српска и раководството на Република Српска за топлото добредојде во Бања Лука, за кое рече дека е најсрдечно до сега.
Што се однесува до санкциите, тој рече дека не е лесно кога најмоќната земја во светот воведува санкции, најпрво за Србите на северот на Косово, без истовремено да казнува никого од албанска страна, кој, како што вели, треба да се казни поради многу причини.
Тој рече дека потоа имало санкции против директорот на Безбедносно информативната агенција на Србија, во меѓувреме санкции против Додик, а потоа и санкции против раководството на Република Српска.
„Тоа не се детски игри, тоа се тешки работи за нас, но гледате, доволно е јасно против кого се подигнати санкциите“, рече тој и додаде дека тоа може да ја доведе во прашање непристрасноста на оние кои ги воведуваат. Тој рече дека санкциите секогаш носат погрешни ефекти, а санкциите против раководството на Република Српска ги смета за несоодветни и незаслужени.
Тој рече дека со санкционираните ќе се однесува како да не постојат и нема да се согласува со нив.
Вучиќ рече дека не може да разбере зошто „некој“ не сака да гласа за отворање на српски конзулат во Бјелина, со благодарност до Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, членови на Претседателството на БиХ, за поддршката на таа одлука.
„Не разбирам зошто некои гласаа против ако ги дадовме сите дозволи за отворање конзулат на БиХ во Нови Пазар, немаме проблем ако сакате да отворите во Ниш, добредојде, во Чачак, каде сакате ќе ви дадеме дозвола во рок од два дена“, рече тој и додаде дека Србија сака да соработува со Босна и Херцеговина на сите проекти, вклучувајќи го и Отворениот Балкан.
Подготвено од А.Ѓ.