03.08.2023 Скопје
Милош Вучевиќ, српски министер за одбрана, изјави дека следните два дена, кога Србија и Република Српска заеднички ќе одбележат 28 години од српските страдања во погромот Бура и кога нивните лидери ќе одржат средби, ќе бидат во духот на српско-српскиот дијалог и српското национално единство.
„Утре имаме цела низа настани и во Бања Лука и во Приедор, така што овие два дена ќе бидат во духот на српско-српскиот дијалог“, рече Вучевиќ и додаде дека ќе се разговара според договорот „за крвни врски, ист јазик, култура и религија“ или во правна и техничка смисла, во согласност со Договорот за посебни односи.
Вучевиќ посочи дека тоа никого не треба да вознемирува и дека, за жал, повторно може да се забележат „отровни стрели“ во некои медиуми од регионот.
Вучевиќ ги покани сите граѓани утре да дојдат во Приедор за да ја одбележат 28-годишнината од српските страдања во погромот „Бура“, истакнувајќи дека тоа е голем настан во смисла на српското национално единство.
„Тоа е трагичен настан и страшна несреќа, која српскиот народ ја преживеа во Краина. Тоа мора да биде сесрпско помирување и датум за комеморација на трагедијата што мора, како птица феникс, да нè подигне и да не води кон подобри денови и сигурна иднина“, изјави Вучевиќ.
Тој изјави дека постои љубомора кон Србија и нејзините успеси во регионот, посочувајќи дека тоа е политичка реалност, а не теорија на заговор и дека затоа постојано има обиди за дискредитација на Србија.
Зборувајќи за погромот на Србите во хрватската акција „Бура“, Вучевиќ рече дека мисли оти „Бура“ ќе се слави во Хрватска дури и ако хрватските генерали Анте Готовина и други беа осудени во Хашкиот трибунал.
Дали станува збор за криминална акција, или за етничко чистење, што доведува до дефиниција за геноцид, вели Вучевиќ, најдобро може да се заклучи со слушање на аудио снимката од седницата на Хрватскиот народен совет за одбрана и што претходно изјави тогашниот претседател Фрањо Туѓман.
„Ќе видите дека тоа беше акција да се протераат сите Срби од територијата на поранешната Република Српска Краина, да се ликвидираат, еднаш засекогаш да се реши српското прашање, како што велат тие. Не успеаа тоа да го направат во Втората Светска војна, а работеа многу посветено, за жал, по нас“, рече Вучевиќ.
Кога станува збор за Косово и Метохија, Вучевиќ рече дека, за жал, нема деескалација, бидејќи премиерот на самопрогласеното Косово, Албин Курти, продолжи да работи според својата агенда за етничко чистење на Србите од Косово и Метохија, а тоа го прави преку постојано заплашување.
Тој посочи дека хуманитарната катастрофа на српскиот север на Косово, каде Курти забрани храна и лекови од Србија, потсетува на настанот во Бања Лука во 1992 година кога животот на 12 бебиња беа загрозени.
„Тогаш се случи познатата битка за коридорот кога се обедини Република Српска. Сега ситуацијата е иста по 31 година кога некој не дозволува лекови за граѓаните“, рече Вучевиќ, наведувајќи дека ова е прашање и за организациите кои се занимаваат со човекови права, но кои „повеќе го оплакуваат дрвото отколку народот“.
Вучевиќ рече дека Србија ќе продолжи да ги зајакнува капацитетите на српските вооружени сили, исклучиво во одбранбен контекст и со цел одвраќање.
Подготвено од А.Ѓ.