15.08.2023 Скопје
Во главниот град на Полска се одржува најголемата воена парада од времето на Студената војна.
Членката на НАТО се надева дека со оваа парада ќе испрати порака до Москва и гласачите пред изборите кои следат во октомври.
Парадата на вооружените сили се одржува на 103-годишнината од победата на Полска над Советскиот Сојуз во битката кај Варшава, а на парадата ќе присуствуваат 2.000 војници од Полска и други членки на НАТО, придружувани од воена опрема и 92 авиони.
Изложените оружја на парадата вклучуваат тенкови М1А1 Абрамс, купени од САД, јужнокорејски тенкови К2, самоодни хаубици К9, ракетни фрлачи ХИМАРС и системи за противвоздушна одбрана Патриот.
Пешадиски борбени возила Борсук и оклопни транспортери Росомак, кои се произведуваат во Полска, исто така ќе учествуваат на парадата.
Партијата ПиС, кој е на власт во Полска од 2015 година, соопшти дека парадата ќе покаже дека ја обновува војската по долгогодишно недоволно инвестирање од претходната власт.
Опозициските пратеници во полскиот парламент пак, тврдат дека владата ја користи армијата за своја политичка корист.
ПиС според повеќето анкети се уште е најсилната партија во Полска, но нејзината предност е тесна и тешко дека ќе освои мнозинство.
На 15 октомври во Полска ќе се одржат парламентарни избори, а во исто време во земјата ќе се одржат и неколку референдуми.
Подготвено од М.Н.