01.08.2023 Скопје
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја не оди кон граѓанска војна и дека се неопходни реформи во судството.
„Нема да има граѓанска војна. Тоа ви го гарантирам. Кога ќе се спушти прашината, луѓето ќе разберат дека тоа беше неопходно“, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека стравовите на луѓето ќе исчезнат и дека ќе видат дека Израел е „исто толку демократски, како што беше и порано, ако не и уште подемократски“.
Израелскиот премиер истакна дека судските реформи нема да им наштетат на блиските односи меѓу Соединетите Американски Држави и Израел, кои се потпираат на Вашингтон во воениот, безбедносниот и разузнавачкиот сектор.
„Мислам дека нашите односи се добри. Мислам дека прашината ќе се спушти и ќе испадне дека, и покрај промените на владите и администрациите, Израел секогаш останува најдобар сојузник на САД, а САД незаменлив сојузник на Израел“, рече Нетанјаху.
Врховниот суд на Израел претходно соопшти дека комисија од 15 судии ќе ги разгледа петициите во септември против законот усвоен од владата на Нетанјаху минатата недела, што доведе до масовни протести.
Законот, меѓу другото, ја ограничува моќта на Врховниот суд.
Подготвено од А.Ѓ.