01.08.2023 Скопје

Во Стокхолм и Копенхаген, Куранот повторно беше запален на протестите во текот на вчерашниот ден, и покрај тоа што Данска и Шведска објавија дека преземаат мерки за ограничување на палењето на Куранот, откако неколку протести во тие земји доведоа до палење на книгата на исламскиот свет, што доведе до затегнати односи со муслиманските земји.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека се надева дека предлогот на владата за ограничување на палењето на Куранот во Данска ќе помогне да се деескалира растечкиот меѓународен конфликт со неколку муслимански земји.

Расмусен им рече на новинарите дека Данска не го прави тоа затоа што се чувствува под притисок, туку затоа што политичките анализи покажуваат дека тоа е во најдобар интерес на сите.

„Не треба само да седиме и да чекаме ова да експлодира“, рече Расмусен.

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром изјави дека испратил писма до сите 57 земји на Организацијата за исламска соработка (ОИК) во кои го објаснува правото на одржување собири во Шведска и ги осудува исламофобичните дела.

Нордиските земји не можат да го спречат палењето на Куранот бидејќи слободата на изразување е заштитена со уставни закони.

Данската влада во неделата соопшти дека ќе бара да се најде „правен лек“ што ќе им овозможи на властите да интервенираат во ваквите протести доколку се смета дека ќе доведат до „значителни негативни последици за Данска, не само во однос на безбедноста“.

Сепак, и данската и шведската влада рекоа дека размислуваат за законски измени кои ќе им овозможат на властите да спречат дополнително палење на Куранот во посебни ситуации.

Во Данска и Шведска во последните неколку недели беа одржани неколку протести на кои беше запален или на друг начин сквернавен Куранот, што предизвика гнев кај муслиманските земји, кои побараа од нордиските влади да го прекинат тоа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *