07.08.2023 Скопје
На 25-от Светски извиднички собир кој се оддржува во Јужна Кореја, на кој се собираат голем број извидници од целиот свет, претежно тинејџери, и кој беше погоден од топлотен бран, сега се заканува друга непогода, односно доаѓање на тајфунот Канун.
Јужна Кореја се подготвува да евакуира десетици илјади извидници од крајбрежното место каде што се очекува тропската бура Канун,а меѓу нив се и 47 извидници од Република Северна Македонија кои се на извидничкиот собир со 40.000 деца од целиот свет.
Македонските извидници отпатуваа во Јужна Кореја на 29 јули во организација на Сојуз на извидници на Македонија, на собирот кој беше планиран да трае 2 недели.
Светската организација на извидничкото движење соопшти дека добила потврда од владата на Јужна Кореја за предвременото заминување на сите учесници во југозападната област Буан.
Кабинетот на претседателот Јун Сук Јеол соопшти дека тој побарал планови за „непредвидени ситуации“, кои би можеле да вклучат преместување на извидниците во хотели и други објекти во главниот град на земјата, Сеул, и блиските метрополи.
Чои Чанг-хаенг, генерален секретар на организацискиот комитет на собирот, соопшти дека веќе се прават планови за евакуација и дека организаторите обезбедиле повеќе од 340 места за евакуација, вклучувајќи центри и спортски сали, во регионите во близина на Буан.
Подготвено од М.Н.