23.08.2023 Скопје
Изложбата со ексклузивните наоди од некрополата Требенеште, која во 2019 година, во рамките на соработката на музеите на Република Северна Македонија, Србија и на Бугарија, беше поставена во Скопје, како што беше најавено тогаш, го продолжува својот пат и ќе биде претставена пред бугарската јавност во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија.
Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата од Министерството за култура за реализација на меѓународната изложба која е уникатна поради наодите кои ни го претставуваат животот покрај Охриското Езеро од 6 до 4 век пред нашата ера. Во поставката се и прочуените златни маски кои се чуваат во Белград, во Софија и една во Охрид, и кои за првпат на оваа изложба се изложуваат заедно.
Оваа поставка е уникатна и по тоа што на овој локалитет работеле археолози од трите земји, кои преку своите институции го афирмираат културното наследство од требенишкиот локалитет.
Како резултат на соработката меѓу стручните тимови на Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, на Националниот археолошки институт со музеј во Софија, Бугарија, и на Народниот музеј на Србија во Белград каде што се чуваат вредните артефакти од некрополата, во 2019 година се реализираше изложбата која заокружи единствена приказна за случајното откритие во 1918 година во близина на селото Требениште, крај Охридското Езеро.
Со огромна заинтересираност од јавноста беше проследена уникатната поставка „100 години Требениште“, која во Скопје беше отворена 6 месеци, а во Софија ќе биде реализирана како „105 години од Требениште“.
Со оваа изложба продолжува соработката меѓу трите земји за заокружување на ексклузивната приказна за Требениште, прв и можеби единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран преку три музеи – од Скопје, Белград и од Софија.
Подготвено од М.Н.