11.08.2023 Скопје
На територија на Скопје, уличните фонтанички кои порано ги имаше на секој чекор, на секое детско игралиште, на плоштадите, во паркчињата, сега станаа вистинска реткост низ градот и ги има само 200. Од кои дел не работат, претворени се во корпи за отпадоци или во пепелници, а од некои блика вода непрестајно формирајќи околу мали езерца. Се разбира има и такви што нормално функционираат и од кои не се троши залудно вода, каде што тоа се регулира со притисок на копче.
Граѓаните се жалат дека нема доволно јавни чешмички низ градот, што е навистина проблем во текот на летните жешки денови.
Доколку се тргне пеш во должина на булеварот Партизански одреди, скопјани треба да бидат подготвени дека нема да наидат на чешмичка за вода. Ниту, пак, доколку се рекреираат на кејот на Вардар. Единствен спас од жештините е со себе да си понесат шише со вода.
Одржувањето на сите чешмички низ градот до неодамна беше обврска на ЈП „Водовод и канализација“. Во иднина претпријатието ќе се грижи само за оние што се лоцирани на јавна површина во надлежност на Град Скопје. Како што велат од претпријатието, сите тие се во функција и редовно се одржуваат.
Оттаму објаснуваат дека општините ќе бидат надлежни и за поставување нови фонтани или чешмички и на нивно барање ЈП „Водовод и канализација“ ќе им дава приклучок за вода на кој ќе биде поставен водомер. Оние што нема да бидат преземени од општините, нема да бидат пуштени во работа, тврдат од претпријатието.
Подготвено од А.Ѓ.