22.08.2023 Скопје
Грција се приклучи на коалицијата на земји кои ќе ја обучуваат украинската војска за летање со Ф-16 и исто така подготвува нов пакет воена помош за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја соопшти оваа информација, коментирајќи ја средбата што се одржа во Атина со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
„Јас и предложив на Грција да ни помогне да го обезбедиме новиот украински коридор на Црното Море, гарантирајќи слобода на пловидба и непречен извоз на жито. Разговаравме за учеството на Грција во обновата на Украина, вклучително и можноста Грција да го преземе водството во обновата на Одеса“, истакна Зеленски.
„По потпишувањето на Декларацијата на Г7 од страна на Грција за поддршка на Украина, се согласивме да продолжиме со билатерални разговори за безбедносни гаранции“, додаде украинскиот претседател.
Оваа година Украина се подготвува да ги отвори преговорите за членство во ЕУ. Зеленски се заблагодари на Грција што ги поддржа во патот кон членство.
Подготвено од М.Н.