svetska banka

15.08.2023 Скопје

Светска банка нема да и дава нови заеми на Уганда поради хомофобниот закон, а претседателот Јовери Мусевени вели дека земјата може без заеми, иако има и други мислења, според кои нема да биде лесно да се пополнат „дупките“ во буџетот.

Светската банка минатата недела објави дека засега нема да има финансирање на нови проекти во Уганда, ниту нови заеми, поради законот против хомосексуалноста што суштински е во спротивност со вредностите на таа институција со седиште во Вашингтон.

Станува збор за закон кој беше усвоен во мај во Уганда и иако не предвидува казни за хомосексуалците или лезбејките кои се етикетираат како такви, сексуалните дејствија се казниви.

Лицето ќе изврши кривично дело хомосексуалност ако изврши полово дејствие или дозволи лице од ист пол да изврши полово дејствие врз него и се казнува со доживотен затвор. Тој што ќе се обиде да изврши полово дејствие се казнува со затвор до 10 години. За „намерно поттикнување на хомосексуалноста“ е предвидена и до 20 години затвор, а во „особено сериозни случаи“, како сексуални контакти со малолетници, можна е смртна казна.

Затоа, овој закон е еден од најстрогите во светот. Законот беше силно критикуван на меѓународно ниво, вклучително и од САД, ЕУ и групите за човекови права, но е поддржан од многу луѓе во Уганда. Хомофобијата е многу распространета во Уганда, со повеќе од 47 милиони жители, а поттикната е од силно евангелистичко лоби, кое како и многупати досега се обиде да протурка уште построг закон во оваа област, но претседателот го спречи тоа.

За ЛГБТ активистите како Јаклин Каша Набасегера, одлуката на Светска банка е добра вест и успех за лобирање, бидејќи законот го отежнува правилното информирање и едуцирање на населението. Во интервју за ДВ, министерот за надворешни работи на Уганда, Окело Оријеем изјави дека одлуката на Светска банка „не е фер“.

„Откако е усвоен законот, нема случаи на егзекутирање, затворање или маргинализирање на хомосексуалци во Уганда. Во меѓувреме, има и други земји на Блискиот Исток каде што овие луѓе се егзекутирани. Па зошто да се фокусираме на Уганда?“, праша тој.

Претседателот Јовери Мусевени (78) даде слична изјава еден ден по одлуката на Светска банка, во рачно напишано отворено писмо на пет страници, адресирано до „Угандаците, особено до внуците“. Претседателот наведува дека „трпеливо објаснил“ дека законот не важи за луѓето кои се едноставно хомосексуалци, туку за оние кои „регрутираат или принудуваат други на нивното девијантно однесување“.

Тој додаде дека доколку има некакви несогласувања во овој закон, „ние ќе ги решиме, како што се боревме против Иди Амин и другите тирани“.

Мусевени, кој владее со Уганда од 1986 година, е познат по својата борбена реторика и ја стекна својата репутација борејќи се против диктаторот Иди Амин, кој владееше со Уганда до 1979 година.

Мусевени вели дека благодарение на неговите постапки долгот паѓа, а економијата и понатаму расте – без оглед на сите глобални проблеми. Состојбата, вели тој, ќе се подобри и со почетокот на производството на нафта во земјава од 2025 година.

„Уганда ќе се развива со или без кредит“, напиша Мусевени.

Писателот Ник Твинаматсико, во одговорот до претседателот на платформата Х, вели дека единствената причина зошто на една земја и се потребни заеми е затоа што внатрешните ресурси се погрешно управувани или погрешно распределени.

„Погледнете го претседателскиот буџет. За што се сите овие пари? За да платите советници што никогаш не ги среќавате? За што се сите овие министри? (ги има 81) Светската банка не презира. Тие не ги третираат земјите од Блискиот исток на ист начин како и ние, иако Арапите имаат построги анти-ЛГБТ закони. Но, ние заслужуваме презир, бидејќи сме расипнички и меки кон корумпираните. Африка никогаш нема да стане независна додека не добие соодветни лидери“, верува писателот.

Бруто домашниот производ во Уганда е околу 46 милијарди евра. Светска банка во моментов на својата веб-страница наведува 45 проекти во земјава, со вкупен обем од 1,1 милијарди евра. Во очите на економистот Јулиус Мукунда, прекинот на финансирањето на Светска банка би бил катастрофа.

„Во планот на банката има уште 13 проекти. Доколку се стопираат сите овие проекти, ќе имаме проблем бидејќи Светска банка е клучен донатор за Уганда. Ако ги погледнете сумите што ги добивме од Светска банка и под кои услови , станува јасно дека никаде не можеме да добиеме подобри понуди“, наведува тој.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author