klinika za infektivni bolesti

09.08.2023 Скопје

Клиниката за инфективни болести соопшти дека засега болничарката која е заразена со конго-кримска хеморагична треска е во стабилна состојба, а во текот на вчерашниот ден има пристигнато лекот кој е единствен на располагање во тешки клинички форми на болеста.

Болничарката се зарази од 27-годишната жена од Штипско која почина на 30 јули по убод од крлеж.

„Пациентката, која се инфицираше во тек на својата работа, е стабилна со повремено покачена температура, без други симптоми на болеста. Лабораториските анализи на крвта се следат дневно и се ординира терапија. Во наредните неколку дена, според можниот развој на болеста, очекуваме фаза во која може да се случи влошување на состојбата. Лекот пристигна вчера. Вчера беа реализирани и веб конзилијарни состаноци со колеги кои ја следат оваа болест во светот и имаат огромно искуство“, велат од Инфективна клиника.

Д-р Добринка Наунова-Јовановска вчера кажа дека болничарката била трета смена кога ја негувала пациентката од Штипско, која имаше многу крварења.
Како што истакна д-р Наунова-Јовановска, на Клиниката сите носат заштита, но веројатно при вадење на ракавиците, маската, прснало во очите, во слузницата.

Откако на 30 јули почина жената од Штипско, Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) издаде решенија за изолација за 29 контакти, а само болничарката пројави симптоми. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до 10 август.

Од контактот со болничарката, издадени се решенија за изолација за уште 11 контакти, 10 членови на нејзиното семејство и колешка од Инфективната клиника. Тие ќе бидат 14 дена под надзор.

Од Инфективна клиника денес велат дека од нивните вработени, кои беа под медицински надзор ниту еден до сега нема пријавено симптоми на болест.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author