04.08.2023 Скопје
Бразилската вселенска агенција Инпе објави дека стапката на уништување на шумите во бразилскиот Амазон е најниска во последните шест години.
Се додава дека површината на исечените шуми во првите седум месеци од 2023 година била помала од сечењето во истиот период во 2022 година, а според податоците собрани од Инпе, се чини дека владините мерки против оние кои се занимаваат со нелегално сечење, вродија плод.
Податоците на Инпа покажуваат и дека во јули годинава во Бразил се исчистени 500 квадратни километри прашума, односно 66 отсто помалку отколку во јули минатата година.
Вкупниот износ на изречените казни годинава надмина 400 милиони долари, што е зголемување за речиси 150 отсто во однос на лани.
Намалувањето на сечењето на шумите е добар резултат за владата на претседателот на Бразил, Луис Игнасио Лула да Силва, чие едно од предизборните ветувања беше да се стави крај на уништувањето на шумите до 2030 година.
Уништувањето на дождовните шуми вртоглаво се зголеми за време на неговиот претходник Жаир Болсонаро.
Лула изјави дека на самитот на амазонските земји следната недела првпат ќе се обиде да создаде заедничка политика за заштита на прашумите.
Тој додаде дека треба да се побара од приватни компании да помогнат во пошумувањето на 30 милиони хектари деградирано земјиште.
Осумте земји од Договорот за соработка на Амазон (ACTO), Боливија, Бразил, Колумбија, Еквадор, Гвајана, Перу, Суринам и Венецуела ќе се сретнат на 7-8 август во градот Белем на устието на реката Амазон и главни теми на самитот ќе бидат зачувување на шумите и безбедноста долж границите.
Подготвено од А.Ѓ.