08.08.2023 Скопје
Група севернокорејски хакери се инфилтрирале во компјутерските мрежи на големиот руски развивач на ракетни системи, Npo Mashinostroyeniya (Npo Mash) во период од најмалку пет месеци минатата година.
Оваа информација произлегува од техничките податоци и анализи направени од истражувачи и експерти за ИТ безбедност.
Севернокорејските хакери, дел од колективите ScarCruft и Lazarus, тајно инсталирале „дигитални задни врати“ во системите на рускиот институт за дизајн со седиште во Реутов, град во предградието на Москва.
Не е познато до какви информации има пристапено Северна Кореја, но во месеците по наводното пробивање на мрежите на Npo Mash, Пјонгјанг објави значителен напредок во својата балистичка програма, особено во однос на развојот на балистички ракети со цврсто гориво.
Npo Mash, руската амбасада во Вашингтон и севернокорејската мисија во Обединетите нации не ги коментираа гласините, кои доаѓаат неколку недели по посетата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на Пјонгјанг, на 70-годишнината од примирјето на Корејската војна.
Подготвено од М.Н.