01.08.2023 Скопје
Секоја играчка во ЕУ ќе мора да има дигитален пасош, документ кој јасно ќе го покажува составот и кој ќе треба да ги исполнува строгите безбедносни барања за да се заштитат децата од опасните соединенија или делови кои на кој било начин можат да ги загрозат.
Се подготвува и список на забранети материи во материјалите за играчки: отсега па натаму, на пасошот или во играчката не смее да има никакви ендокрини пореметувачи, супстанции за кои се знае или се претпоставува дека влијаат на ендокриниот систем.
За нешто повеќе од 10 години, ЕУ забрани повеќе од 2.000 хемиски соединенија, повеќе од која било друга земја или заедница, а сега таа листа расте и се ажурира.
Последниот предлог на Европската комисија за безбедност на играчките ги заострува и онака строгите правила за тоа што и како може да влезе на пазарот на ЕУ, вклучително и оние што се купуваат преку Интернет. Истите правила важат и за играчките произведени во ЕУ, како и надвор од неа.
Секоја играчка ќе мора да има дигитален пасош за производи, кој ќе содржи информации за усогласеноста со регулативата.
Од увозниците се бара да презентираат дигитални пасоши за производи на границите на ЕУ за сите играчки, вклучително и оние што се продаваат преку Интернет. Новиот информациски систем ќе ги проверува сите пасоши за производи на надворешните граници и ќе ги идентификува пратките за кои се потребни темелни царински проверки.
Инспекторите на земјите-членки ќе продолжат да бидат одговорни за контрола на играчките.
Доколку се појават небезбедни играчки кои претставуваат ризици кои не се јасно опфатени со регулативата, според новата регулатива, Комисијата има овластување да бара повлекување на таквите играчки од пазарот.
Иако составот, пакувањето и самите играчки беа под зголемен надзор на ЕУ и секако се меѓу најбезбедните во светот, тие сега се уште построги и јасно е пропишано колку големи делови од играчката можат да бидат за да ако децата случајно ги стават во уста, не би се затвориле дишните патишта.
Внимание се посветува и на амбалажата која не смее да претставува опасност.
Подготвено од А.Ѓ.