evakuacija izrael etiopija

11.08.2023 Скопје

Владата на Израел организираше воздушен транспорт за да врати 200 израелски граѓани кои живеат во конфликтните области во регионот Амхара во Етиопија.

Министерството за надворешни работи на Ерусалим, соопшти дека од градот Гондар се вратени 174 израелски државјани, додека од градот Бахир Дар се спасени уште 30.

Операцијата беше овозможена благодарение на обезбедувањето четири летови кои ги однесоа евакуираните во главниот град Адис Абеба.

Претходно оваа недела, по состанокот со министерот за надворешни работи Ели Коен и други официјални претставници, премиерот Бенјамин Нетанјаху му наложи на советникот за национална безбедност Цачи Ханегби, да ја подготви операцијата за спасување.

Регионот Амхара, каде што илјадници Етиопјани живеат чекајќи дозвола да се преселат во Израел, со денови е сцена на тешки борби меѓу трупите на федералната армија и паравоените милиции Фано, од етничката група Амхара, кои одбиваат да се интегрираат во Силите на Националната одбрана на Етиопија (ENDF), како што е утврдено со мировниот договор во Преторија.

Подготвено од М.Н.

About Author