COP27, globalno zatopluvanje

08.08.2023 Скопје

Денеска Коперник соопшти дека се уште не е пристигнат крајот на уривањето на топлинските рекорди за 2023 година, потенцирајќи дека се очекува релативно топол крај на 2023 година поради развојот на феноменот Ел Нињо, циклична појава над Пацификот што има ефект на дополнително затоплување на планетата.

Европската служба Коперник денеска потврди дека месецот јули беше најтоплиот месец досега забележан на Земјата.

Минатиот месец, обележан со горештини и пожари ширум светот, беше за 0,33 степени Целзиусови потопол од месецот што го држеше тој рекорд до сега, јули 2019 година, кога беше постигната просечна температура од 16,63 степени Целзиусови.

Во извештајот на Коперник се наведува дека температурата беше, исто така, за 0,72 степени Целзиусови повисока од просечната температура (1991-2020) за месец јули.

Веќе на 27 јули, пред крајот на месецот, научниците процениле дека е многу веројатно јули 2023 година да биде најтоплиот месец досега забележан на планетата, вклучувајќи ги сите годишни времиња.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, тогаш изјави дека човештвото ја напушти ерата на глобалното затоплување и влезе во ерата на „глобално вриење“.

Океаните, исто така, го гледаат овој загрижувачки тренд, со ненормално високи температури на површината од април и без преседан во јули. Така апсолутниот рекорд е постигнат на 30 јули со 20,96 степени Целзиусови, а за цел месец температурата на површината на океаните била за 0,51 степен Целзиусови повисока од просечната за периодот од 1991 до 2020 година.

„Поставивме нови рекорди и за глобалната температура на воздухот и за површината на океаните во јули. Овие рекорди имаат катастрофални последици за луѓето и планетата, изложени на се почести и поинтензивни екстремни настани“, рече Саманта Бурџес, помошник директор на Европската служба Коперник.

Саманта Бурџис, исто така, рече дека досега 2023 година е трета најтопла година со 0,43 степени Целзиусови над неодамнешниот просек, и дека глобалната просечна јулска температура е 1,5 степени Целзиусови над прединдустриската ера.

Таа бројка од 1,5 степени Целзиусови е многу симболична бидејќи ја претставува најамбициозната граница утврдена во Парискиот договор од 2015 година за ограничување на затоплувањето. Меѓутоа, границата наведена во тој договор се однесува на просеци за неколку години, а не само за еден месец.

„Иако сето ова е само привремено, тоа укажува на итноста за постигнување амбициозни напори за намалување на глобалните емисии на стакленички гасови, кои се главната причина за тие рекордни температури“, рече Саманта Бургес.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author