ukraina izvoz na zito dunav

16.08.2023 Скопје

Соединетите Американски Држави водат разговори со Турција, Украина и Романија за зголемување на опсегот на украинските патишта за извоз на жито, по затворањето на коридорот за жито од страна на Русија минатиот месец.

Од сознанија добиени од анонимни американски претставници, се дознава дека планот поддржан од Вашингтон предвидува зголемување на извозниот капацитет на Украина, до четири милиони тони жито месечно, преку реката Дунав до октомври.

Голем дел од житото ќе биде испратено по Дунав и преку Црното Море до блиските романски пристаништа и од таму до други дестинации.

Русија веројатно ќе се обиде да ја спречи Украина да го воспостави овој алтернативен извозен канал, а за тоа кажува и фактот што руските сили синоќа ги нападнаа речните пристаништа Измаил и Рени.

Пристанишните инфраструктури на двата украински града, лоцирани по долниот тек на Дунав, биле погодени најмалку четириесет пати од самоубиствени дронови „Геран“.

Исто така во текот на ноќта, воени цели биле погодени во Миколаев, пристанишен град на Црното Море и главен град на истоимениот регион Украина.

Подготвено од М.Н.

About Author