09.08.2023 Скопје
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се подготвува да ги забрани инвестициите на приватните капитални фондови и ризичен капитал во некои сектори на кинеската економија врз основа на проценките поврзани со националната безбедност.
Белата куќа денеска ќе потпише посебен извршен декрет кој ќе се однесува на секторите од кинеската економија кои придонесуваат за брзиот технолошки напредок на вооружените сили на таа земја.
Новите забрани за инвестиции се очекува да ги погодат полупроводниците, облак компјутерите и вештачката интелигенција, целосно забранувајќи ги американските капитални инвестиции во некои форми и апликации на овие технологии во Кина и принудувајќи ги американските поединци и ентитети кои работат во таа азиска земја да ги информираат Американските власти на нивните инвестиции во трите технолошки сектори.
Инвеститорите кои нема да ги почитуваат новите ограничувања ќе ризикуваат парични казни.
Од Белата куќа наведуваат дека пред целосното спроведување на новите правила, администрацијата на Бајден ќе собира оценки и мислења од секторските оператори, а правилата нема да имаат ретроактивно дејство и нема да важат за инвестициските портфолија во кинески акции и обврзници.
Подготвено од М.Н.