23.08.2023 Скопје
Од почетокот на 2023 година во 33 американски сојузни држави се претставени дури 81 предлог-закон со цел забрана за купување и сопственост на земјиште од страна на кинески субјекти и граѓани.
Законите се разликуваат во детали, но сите вклучуваат ограничувања или забрани за купување градежно земјиште и земјоделски парцели од страна на владата и кинеските компании, субјекти и граѓани.
Во неколку случаи, забраните влијаат на парцелите во близина на воените бази и други стратешки локации во Соединетите држави.
Повеќето од нацрт-законите беа воведени и одобрени од пратениците во американските држави со мнозинство републиканци, но некои од законите добија двопартиска поддршка поради загриженоста за националната безбедност што ја споделуваат и демократите.
Според анализата на лоби групата Asian Pacific American Justice, малцинствата и некои пратеници, овие иницијативи ризикуваат да поттикнат дискриминација и омраза против кинеско-американската заедница.
Нацрт-законите насочени кон забрана за купување земјиште од кинески граѓани и субјекти беа остро критикувани и од кинеската амбасада во Вашингтон.
„Комерцијалните интеракции меѓу Кина и САД се заемно корисни. Политизирањето на трговијата и инвестициите е спротивно на принципите на пазарната економија и ја поткопува довербата на луѓето во американскиот пазар. Овие ограничувања, исто така, може да поттикнат омраза кон Азијците и расна дискриминација“, додаваат од амбасадата.
Американските медиуми соопштија дека многу од нацрт-законите претставени во последниве месеци се однесуваат и на граѓаните и ентитетите на другите „странски противници“ на САД, како Русија, Иран и Северна Кореја.
Подготвено од М.Н.