16.08.2023 Скопје
Соединетите Американски Држави го притискаат Иран да престане да продава беспилотни летала на Русија како дел од разговорите за поширок договор чија цел е да се смират тензиите меѓу Вашингтон и Техеран.
САД инсистираат Иран да престане да и продава на Русија борбени беспилотни летала што Москва ги користи во војната против Украина, како и резервни делови за беспилотни авиони, изјавија извори кои претпочитаат да останат анонимни.
Протекувањето на информациите доаѓа во време кога Вашингтон и Техеран се обидуваат да ги намалат тензиите и да ги продолжат разговорите за иранската нуклеарна програма.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен неодамна изјави дека ќе ги поздрави сите чекори што Иран ги преземе за да ја намали својата „растечка нуклеарна закана“.
Овие консултации се одржаа паралелно со разговорите минатата недела за договор за размена на затвореници. Иран им одобри домашен притвор на четворица американски државјани кои беа приведени во затвор во Техеран.
Подготвено од М.Н.