https://www.flickr.com/photos/cementley/34640312584/in/photolist-2UBENz-UM3E5G-Vp6wP4-bbv8HP-Vz4mLg-VvvsgN-UktYDv-Uku59i-Vnuk6k-Vz487n-ieSU9R-VvvvLo-2mfz92W-VvvkpG-5UP3Vv-249cmy1-EFmkNH-wLqvo-Gncwsn-5rAsPR-23gqqnu-7KfKut-5mtees-2cPoGZZ-VkRRt5-SniGgy-oKYPMb-EPsHU9-VjsCm5-dbRMLH-Sj1qUw-5vtfZz-GvRkin-5DS921-UYTrow-2kQuapa-2kQuaoJ-9mMxVF-2avopL7-4N9Qk-gMpye7-8yAMjL-Gxae6P-nzyUx9-o7GvUv-SE6tY9-9nAJKp-3dv8aD-o5C6MF-74dvkW

31.08.2023 Скопје

Граѓаните на Црна Гора вчеравечер го блокираа сообраќајот во повеќе општини во знак на противење на формирање влада со партнерите на поранешната владејачка Демократска партија на социјалистите /ДПС/ без коалицијата „За иднината на Црна Гора“.

Блокади организира групата „Одбрана на изборна волја“, која во моментов брои 20.000 членови, а на неколку локации стои и транспарентот: „Предавството не се простува“.

Насобраните граѓани во Подгорица го блокираа сообраќајот на кружниот тек Златица, а колоната се упати кон градот.

Голем број луѓе се собраа и во Никшиќ, од каде од плоштадот Шак Петровиќ тргна поворката, со која, како што велат, сакаат да му порачаат на мандатарот Милојко Спајиќ дека нема да дозволат промена на изборната волја на граѓаните.

Сообраќајот во Будва е блокиран на кружниот тек, на влезот во градот, а меѓу насобраните е и претседателот на општинското собрание Никола Јовановиќ.

Граѓаните ги повторија своите претходни барања, меѓу кои бараат претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ да му ја одземе улогата на лидерот на ПЕС, Милојко Спајиќ, како и граѓаните да бидат вклучени во владините преговори.

Група граѓани го блокираа магистралниот пат Бијело Поље-Беране-Подгорица, кај кружниот тек во Рибаревине, фериботот во Лепетани, блокиран е приодот кон локалниот пат Тиват-Прчањ-Котор.

Меѓу насобраните се и претседателите на општинските комитети на Нова српска демократија од Тиват, Миљан Марковиќ и Владимир Потпара од Котор.

Во врска со најавите на социјалните мрежи дека ќе има колони, од полициската управа изјавија дека ќе ги снимаат сите ненајавени јавни собири.

Вршителот на должноста директор на полициската управа Никола Терзиќ упати апел до учесниците на колоната да се грижат за тоа што го прават, нагласувајќи дека полицијата ги презема сите мерки и дејствија согласно своите овластувања.

„Нека го преиспитаат своето однесување затоа што не треба да нè чудат сите оние лица кои се гонат во врска со одредени кривични дела“, рече Терзиќ.

Тој додаде дека нема ништо против слободно да се изразува незадоволство од какви било политички одлуки, но смета дека не треба да бидат загрозени правата на граѓаните кои поради ваквите блокади не можат да ги уживаат основните човекови права.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author