07.08.2023 Скопје
Во рамки на драмската програма на „Охридско лето“ вчерa на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, премиерно беше изведена претставата „Едвард Втори“ во режија на Андиј Жолдак, а работена според текст на Кристофер Марлоу, вкопродукциски проект на НУЦК Театар „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес и Драмскиот театар „Н.О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија.
Во претставата главниот лик Едвард Втори е поделен на две улоги кои истовремено ги реализираа двајца актери, Илин Јованоски и Бугаринот Борис Крстев. Во главната женска улога пак, настапи Јована Миладинова, која дебитираше на театарските штици.
Костимографи на претставата „Едвард Втори“ се Грузиецот Симон Мачабели и извонредниот македонски костимограф Раде Василев.
По фестивалската премиера на „Охридско лето“ поставката на 9 септември ќе се игра на матичната сцена на Театарот во Велес и на 14 септември во Пловдив, а закажани се и неколку изведби на значајни драмски фестивали во регионот.
Подготвено од А.Ѓ.