https://www.facebook.com/photo/?fbid=870166584474253&set=pb.100044427579784.-2207520000

29.08.2023 Скопје

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, од денеска престојува во официјална посета на Република Чешка.

„Чешка е наш значаен и докажан сојузник со кој веќе три децении градиме пријателски политички и економски односи. Особено ja цениме недвосмислената и отворена чешка поддршка за македонските евроинтеграции и пристапните преговори кои ги водиме, со цел, имплементирање на сите есенцијални реформи и наша брза интеграција во ЕУ“, напиша Пендаровски на официјалната фејсбук страна.

Македонското и чешкото општество се поврзани со силни историски и културни врски кои ги градат нашите граѓани, а нашите две држави веќе три децении градат пријателски политички и економски односи, истакна Пендаровски.

Претседателот Пендаровски во Прага беше пречекан со највисоки државни и воени почести од неговиот чешки колега со што започна неговата официјална посета на Чешката Република.

Двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба, на која биле потврдени искрените пријателски односи меѓу двете држави.

На средбата се разговарало за македонските аспирации за членство во Европската Унија, партнерството во НАТО, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина.

Во рамки на дводневната посета на Чешка, претседателот Пендаровски ќе има средби и со претседателот на Владата, Петр Фиала, со претседателот на Сенатот на Парламентот Милош Вистрчил, како и со претседателката на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република, Маркета Пекарова Адамова, соопштија од претседателскиот кабинет.

Подготвено од М.Н.

About Author