amerikanski sena

01.08.2023 Скопје

Републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, по иницијатива на Обединетата македонска дијаспора пред Сенатот предложи резолуција во која се бара во септември оваа година да се слават македонскиот јазик, историјата и културата на македонските Американци.

Во резолуцијата се наведува дека е важно да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, медицина и спорт, и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци.

Во резолуцијата се наведува дека од 1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија.

Се проценува дека во САД денес живеат околу 500.000 граѓани со македонско потекло, а најмногу од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

Во резолуцијата се напоменува и успехот на спортистите со македонско потекло, придонесот на македонските Американци во уметноста, како и медицината.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author