09.08.2023 Скопје
Интерпол објави дека прекуграничната истрага на западноафрикански криминални групи кои мамеле корисници на Интернет има доведено до повеќе од 100 апсења и запленети се над два милиони евра.
Во соопштението на меѓународната полициска организација се наведува дека истрагата наречена „Операција Шакал“, која беше спроведена во мај во 21 земја на шест континенти, била насочена кон сајбер-криминални групи, меѓу кои и нигериската група „Црна секира“.
„Без разлика каде се кријат во сајбер-просторот, Интерпол немилосрдно ќе ги гони“, рече Исак Кехинде Огини, директор на Центарот за финансиски криминал и антикорупција на Интерпол.
Во периодот од 15 до 29 мај замрзнати или запленети се 2,15 милиони евра, уапсени се 103 лица, идентификувани 1.110 осомничени, а блокирани се 208 банкарски сметки.
Слична операција беше спроведена и во 2022 година и резултираше со 75 апсења и запленети 1,2 милиони евра, се наведува во соопштението.
Подготвено од А.Ѓ.